Срам (Shame)

Година: 2011
Жанр: драма
Режија: Стив Меквин
Сценарио: Аби Морган, Стив Меквин
Улоги: Мајкл Фасбендер, Кери Мулиган, Луси Вотерс, Џејмс Беџ Дејл
Брендон Саливен (Мајкл Фесбендер) е триесетгодишен човек кој живее во Њујорк и не е во состојба да управува со својот сексуален живот. Неговиот живот целосно излегува од контрола откако во неговиот стан ќе се всели неговата сестра.
Убаво е кога ќе може да прочитате една рецензија за NC-17 цензуриран филм. Тука знаете дека Холивуд нема да ви продава среќен крај на идиличниот живот на марионети извајани од ТВ рекалми. „Срам“ не е таков филм. „Срам“ е сурово соголување на еден лик, „Срам“ е искрено продирање во поривите и потребите на еден човек во ова современо општество, „Срам“ е апотеоза на една автодеструкција, „Срам“ е портрет на една осаменост закопан под сета изолираност во високите згради на Њујорк. Со други зборови „Срам“ е бесрамен.
Филмот започнува со една одлична „којотот и брзата птица итрица“ сцена во градското метро каде Фесбендер кокетира со една патничка во возот и се обидува да ја „грабне“. Сцена исполнета со гестикулации кои сугерираат на една предигра, но и срам кој преминува во страв кај девојката. Оваа сцена е одлична симболика за животниот предизвик на кој подлегнува ликот на Фесбендер во овој филм и секако дека е многу елоквентно што оваа сцена (во модифициран облик) ќе се најде на отворениот крај на филмот кога Брендон има стекнато најразлични искуства, се има соочено со димензиите на неговата зависност и последицата од неа и повторно се појавува мамецот (со престен) кој може да предизвика тој повторно да се „навлече“.
Една добра карактеристика која има произлезено од воајеризамот на Брендон секако дека е неговото внимание на детали и специјализацијата во шармирањето која е одлична замка за „ловење на својот плен“.
Животот на Брендон е дисбалансиран во мигот кога неговата непредвидлива сестра ќе се врати во него и одеднаш треба да ја сподели својата самотија, да ги сокрие неговите порно филмови и сексуални чинови кои го исполнуваат, односно празнат и доста бурно го поднесува тоа нарушување на приватниот простор од кое се раѓа конфликтот. Тој настанува при нарушувањето на индиферентноста од порнографијата и сексот со доаѓањето на грижата и добронамерноста на неговата сестра. Интимата која ќе исплива на површина не е баш примамлива за луѓето кои не може да ги разберат неговите потреби и често пати ќе биде предмет на една стереотипизација како сексуален манијак кој работи во фирма. Под површината покриена со сако се крие еден осамен дисфункционален човек (во еден Њујорк кој со музиката и дел од облека потсетува на почетоците на минатиот век наспроти архитектурата и технологијата), на кој порнографијата и сексот ми се вода и воздух и тој негов порив секако дека нема да наиде на одобрување кај неговиот шеф кој ќе ги пронајде порно филмовите во неговиот компјутер на работа или кога неговата сестра ќе го фати како мастурбира.
Останатите ликови во филмот се максимално објективизирани. Тие се никој и ништо, доволно неразвиени, какви што се и актерите и актерките во порно филмовите. Проститутки кои ги плаќа Брендон само за да ја задоволи својата дневна потреба, еднодимензионални објекти кои Брендон ги фрла како употребен кондом. Покрај Брендон, во филмот се појавува уште еден „којот во урбаната џунгла“, а тоа е неговиот пријател и шеф кој и покрај тоа што има сопруга и дете секоја вечер излегува да „ќари“ некоја нова девојка која исто како и Брендон ќе може подоцна да ја фрли во заборавот како употребена стока.
Факт е дека „Срам“ е филм за еден човек кој се обидува да функционира во ова современо општество со својата зависност од секс. Секако дека е тоа невроза и постојат клиники за одвикнување од таа зависност, но зборуваме за нешто што му е потребно во одредени дози на човечкото тело, не за дрога и алкохол. Очигледно како и останатите две тој плаќа за својата зависност и тоа плаќа една голема цена по животот на неговата сестра која има самоубиствени нагони (доказ за тоа е и нејзиниот рељеф на рацете) и има потреба од неговата поддршка во нејзиниот живот (затоа е и нејзиното вселување во неговиот дом-да биде поблиску до него и ментално и физички), додека пак Брендон ослепен од неговото его не може да ја согледа нејзината ранливост и обидот да ја поправи нивната нарушена врска. Тој е растргнат помеѓу тоа што му треба и тоа што го сака. Аналогијата помеѓу овие две нешта која тој ја повлекува ќе се покаже дека не е погубна само за неговиот живот туку и за животот на тие што може да се наречат „блиски“, иако во неговиот случај тој термин е сосема несоодветен. Срам кај Брендон може да се појави само во неговиот неуспех во сексуалните потфати, а незадоволство и гнев доколку ја нема задоволено дневната потреба.

Секако дека слободно може да се пожалите дека филмот има премалку дијалог, но репликите што ги има се на вистинско место поставени, таму каде што визуелизацијата треба да доминира не се потребни зборовите да ја задушат и обратно. Ако ништо друго, говориме за личност која единствената комуникација ја изведува преку сексот и тоа за безначаен секс кој може да го плати, а не со некоја личност која може да му биде драга. Тоа е неговиот јазик на кој комуницира. Секако дека ќе речете дека приказната не „тече“ и не се „развива“, но ова е пресек на едно постоење, пенетрирање во интимата на еден осамен човек и тонот на филмот одлично ја отсликува неговата душевна состојба и ако ништо друго на гледачот му посочува преку безначајните сексуални чинови на Брендон (кој смета дека бракот е залудна и непотребна институција и луѓето во неа се само од навика и си здосадуваат едни од други) дека неговите подвизи го оставаат несреќен во неговиот социјален живот или среќен во неговата самотија. Меквин свесно на гледачот му остава простор да погоди што се има случено во минатото на братот и сестрата што имало толку големи последици во формирањето на нивните скршени животни приказни, иако за тоа има мало наговестување во бурната расправа помеѓу нив, создавајќи два лика кои се самоуништуваат, секој на свој начин.
Кога веќе ја има добиено NC-17 категоризацијата не ми е јасно зошто филмот нема заминато неколку чекори понапред и барем во единствената сцена во која има крв да го прикаже нанесувањето на специјалните ефекти во акција, а не само Фесбендер да ги пречека последиците, но Меквин се има одлучено на варијантата да го наговести обидот за самоубиство и задоцнетата реакција на Фесбендер. Не е мое да му се мешам, човекот си ја знае работата.
Во сцените каде не доминираат дијалозите потребни се телесните изрази на Мајкл Фасбендер да го доловат неговиот однос со светот кој го опкружува, а режисерот со молкот и просторното сивило ја прикажува неговата празнина која се обидува да ја исполни со секс, но тешко дека тоа му успева. Затоа и музиката е амбиентална и спора, но доволно впечатлива за да го засили овој филм. На крајот на денот Стив Меквин може да биде задоволен со своето дело, затоа што со неговите долги кадри одлично го има доловено светот на заробеништвото на еден сексуален зависник во сопственото тело. Спората изведба на „New York, New York“ во долгиот кадар со гро план е доказ за решителноста и бескомпромисноста на режисерот која многу добро сведочи за односот помеѓу братот и сестрата, а гро плановите во изразите на лицето на Фенсбендер додека ги исполнува своите „потреби“ говорат не за неговата среќа и задоволство, туку за неговата агонија.

Мајкл Фасбендер е фантастичен актер (тоа го докажа и во „Inglourious Basterds“), а тоа го докажува и овој филм. Некој друг да ја имаше неговата улога се сомневам дека овој филм ќе беше толку добар. Секако дека се соочил со неколку предизвици во овој филм, но тие предизвици се добредојдени за актерите кои си имаат работа со толку инспиративни ликови кои се осиромашени од своите емоции и навлечени на нивните нагони. Тој се појави и во режисерското деби на Стив Меквин наречено „Hunger“, пред четири години, филм кој исто така има една силна изведба од главната машка улога во штрајкот со глад во северноирскиот затвор. Секако дека Меквин е познат по тоа што своите ликови ги заробува во некаков вид на затвор (неговиот нов филм „Twelve Years a Slave“ е сведок за тоа), но тоа не претставува само еден физички затвор, туку тие ликови се робови на своите навики, потреби и предрасуди и тоа ги подигнуваат решетките во нивните ментални ќелии, нешто што успешно е изведено во овој моќен филм кој се нарекува „Срам“. Ништо послаб впечаток не остава ниту Кери Мулиган која ја знаете од „Drive“.
Ако барате некаков филм за споредба тогаш слободно земете било кој филм кој тематизира зависности, а јас ќе го земам „Crash“ на Кроненберг, кој иако ги тематизира сексуалните перверзии од сообраќајните несреќи е доста близок со стилизацијата на ниво на сексуална зависност и потреба од експериментирање, иако тоа се расчелнува на различен начин во текот на филмовите. Од друга страна пак најсоодветна паралела на ликот на Брендон може да се направи со ликот на Патрик Бејтман од „American Psycho“ (според неговиот изглед и опсесивно-компулсивна природа), иако Брендон не е психопат, туку е сексохолик.

Секако дека филмот има вознемирувачки сцени во него и го препорачувам за гледачите кои имаат трпение, знаат да препознаат добро реализирано сценарио и може да го забележат прогресот во спиралата на пропаста на еден лик без да гледаат експлозија на автомобили, пукање со оружје и разни други акциони „зависности“ на мозокот кои го заробуваат во својата нефункционалност. „Срам“ е искрен поглед во една интима
Напишано од
Златко Ѓелески
Златко Ѓелески е автор на македонското хорор списание Кошмар, еден од водителите на радио емисијата Danse Macabe на Канал 103, ко-организатор на Мрак Фест. Тој е добар познавач на филмската, книжевната и музичката уметност и работи на промовирање на хорор културата во Македонија.
Рецензии
13 Убијци (13 Assassins)
Ова е филм во кој се собира група на убијци кои сакаат да го убијат наследникот ...
Рација (The Raid)
Ова е филм во кој една полициска единица на специјалци врши упад во една зграда ...
Скопје ремикс (Skopje Remixed)...
Ова е филмски омнибус составен од девет кратки филмови на десет млади македонски...
Засолни се (Take Shelter)...
Ова е филм за семејството на Куртис Лафорк (Мајкл Шенон) кој има добар живот сé ...
Скриеното лице (La Cara Oculta...
Овој филм е составен од два посебни наративи кои меѓусебно ќе интерферираат кон ...
на 2012-02-02 01:55:27