Movies.mk

Filmovi

 
|

Paranorman - Трејлер

може да ги види мртвите и да разговара со нив прочитај повеќе.

American Reunion

Уште еден месец до премиерата прочитај повеќе.

Кој сѐ доби Оскар?

Погледнете ги победниците на 84тите Оскари прочитај повеќе.

ТРЕЈЛЕР: Brave

Новиот анимиран филм на Дизни и Пиксар прочитај повеќе.

Изгорени (Incendies)

Година: 2010

Жанр: Драма

Режја: Денис Вилениув

Сценарио: Денис Вилениув

Улоги: Лубна Азабал, Мелиса Десормиу-Полин, Максим Годет

 

            Симон и Жан Марван се наследници на тестаментот на нивната почината мајка Навал. Нејзиното последно барање е необично, затоа што таа бара да биде погребана гола со грбот завртена кон светот и од нејзините деца бара да го пронајдат нивниот татко и брат. Тие започнуваат едно патешествие низ бурното минато на нивната мајка.   

            Ова е модерна трагедија за потрагата по загубените идентитети, премолченото минато и трагите кои тоа ги остава врз реалноста во која живеат децата на Навал. Тие се невини продукти на конфликтот помеѓу спротивставените идеологии и религии кои често пати произлегуваат од иста крв со која се полива земјата во Блискиот Исток (која во филмот треба да наликува на еден фикционен Либан, посебно во сегментите од граѓанската војна, а „Изгорени“ е снимен во Јордан и Квебек).

            Што ќе се случи со вашата животна приказна кога нема да можете вие да ја прераскажете? Кој ќе сведочи за вашите подвизи, ставови, болка и успеси од вашето лично минато? Смртта никогаш не е крај. Во овој филм таа е почеток на едно патешествие со кое ќе се стави крај на молкот и ќе се одржи едно ветување.  

            Реализацијата на филмот е одлична. Тој е работен според драмата на Вајди Муавад. Вешто е изведена сложувалката со помош на флешбекот на борбата на мајката за преживување и надминување на пречките кои ги поставува животот и сето тоа проткаено паралелно со флешфорвардот во кој нејзините деца со копањето во нејзиниот „гроб“ ќе ги извадат премолчените тајни и со потрагата по останатите членови од семејството ќе се нурнат во суштината на животот на мајката. Локациите се прикажани еднаш од перспектива на мајката, а потоа од фокусот на ќерката.  

  

          Филмот нé става во кожата на децата на Навал кои преку откривањето на мистеријата за нивниот татко и брат треба да го одгатнат бурниот и ужасен живот на нивната мајка, за сите заедно да ги разбереме нејзините опскурни барања во тестаментот. Тоа од гледачот бара сочувство за животната борба на Навал.    

            Мајката Навал (на слична годишна возраст како и нејзината ќерка) се бори за мирот, а не за религијата. Знаејќи каква апсурдна поделба создава идиотскиот религиозен фанатизам таа застанува на страната на човечките права, а тоа да се направи во една воена зона е прилично храбар потег. Војната во која Христијаните убиваа Муслимани и обратно, за подоцна Христијаните да убиваат Христијани, а Муслиманите да убиваат Муслимани, се губи религиозната основа и се преминува во една војна на туѓа политика. Таа многу добро ги знае последиците на слепиот занес во религијата и затоа го напушта животот кој и го има одземено нејзиниот сакан и детето, оставајќи го своето родно место зад себе во потрага по подобар живот. Христијанка која си го бара своето дете во градот под опсада во муслиманскиот свет.

            Употребата на специјалите ефекти за прикажување на егзекуциите, односно истрелите на куршуми во невиното население во воената зона е соодветна на целта да се прикаже сето лудило што може да го произведат луѓето кои ја хранат својата омраза со оружје. Запрепастувачки се снимките од одисејата на Навал во царството на човечкиот геноцид, каде и жените и децата се еднакво мртви пред законот на куршумот, кој често пати е испукан од страна на адолесценти кои можно е претхоно да биле нивни пријатели. Повеќе од потребно е да се стилизираат ваквите сцени за да се прикаже и мрачната страна на човечката природа од која секако дека многу можеме да научиме и за себе. Урнатините ја имаат испишано во своите камења крвавата историја на луѓето кои ги имаат создадено и уништено градовите, а се поставува прашањето колку музиката на Radiohead и потрагата за одгатнување на минатото на мајката ќе може веродостојно да посведочи за тоа бурно минато. Две животни патешествија во две епохи со две цели, едното за пронаоѓање за сопствената рожба, а другото за пронаоѓање на сопствениот татко преку потрагата по минатото на својата мајка.        

            Очигледно е дека честа и срамот се двете вредности кои имаат големо значење за источниот свет. Затоа и при самото изговарање на името Навал Марван по нејзиното напуштање на родното место останува омразата поради срамот кој го има нанесено на семејството, поради нејзиното непочитување на закоравените нормативи и дури и нејзиниот род не е добредојден во градот кој има нанесено поголема несреќа на Навал отколку обратното, но секој си има право на своја страна од приказната, а кога едната страна нема глас тешко може да се дојде до целосната вистина во која Навал е проститутка за мажот и затвореничка за синот.

            Овој филм докажува дека лекциите на кои учи животот се многу поразлични од тие што се предаваат од кулата од слонова коска, посебно кога војната ќе го има проголтано детето на Навал. Оттука се раѓа и нејзиното одмаздољубие и желбата да го даде и својот живот ако треба за да им го одземе лидерот на христијанските милитанти и за момент да влезат под нејзината кожа и да го почувствуваат нејзиниот преживеан хорор. Нејзината омраза е одраз на патологија на меѓусебно уништување која ја практикува државата во која живее. Насилството раѓа ново насилство и оваа игра нема крај. И запрашајте се од каде сé започна – од една предрасуда дека Христијанка не смее да се заљуби во Муслиман. Стоицизамот на Навал во затворот е само доказ за нејзината решителност и истрајност, па затоа ниту експертите за измачување како Абу Тарек не се во можност да ја сопрат 15 годишна лебедова песна на хероината и покрај врисоците во затворот. 

            За пресвртот ќе кажам дека ова е можеби еден од најмоќните што ги имам погледнато во последните неколку месеци. Ме остави без зборови формулата во која еден плус еден е еднакво на еден. Тука ќе запрам за да не го уништам изненадувањето на тие кои нема да го погледнат филмот, а тие кои веќе знаат кои се идентитетите на таткото и братот верувам дека ќе се согласат со мене дека тоа е храбар потег кој го крунисува овој извонреден филм.        

Целта на тестаментот на мајката е да докаже дека религијата и ознаките кои се препишуваат од раѓање не значи дека треба да бидат основа за започнување на војни, омраза и поделба. Децата на Навал се тие кои треба да се подигнат од пепелта и да го направат изборот да не се одговори со зло на зло, потенцирајќи дека никој не се раѓа убиец, измачувач и силувач – таков се станува со текот на животот. Филмот говори за тоа дека не се оправдува било кое убиство извршено под изговор дека е направено за било кој измислен бог.

Жан на почетоткот се обвинува себе си за смртта на Навал. Како ја дознава вистината за животот на нејзината мајка, која често пати била силувана и била мачена и неколку пати избегнала нишан од непријателски пушки. Симон од друга страна е скептик, револтиран и тврдоглав, баш поради тоа што смета дека барањата на неговата мајка се апсурдни, потпирајќи го својот став врз неговото непознавање на мачниот живот кој го имала таа. Актерот и актерката за овие улоги одлично си ја завршија својата работа, но хероината на оваа трагедија е дефинитивно Лубна Азабал која ја глуми Навал, која на свој грб го носи емоционалниот товар на ликот (со сите негови силни и ранливи стадиуми) кој во кадрите го доловува со нејзините погледи и движења. На крајот на филмот запрашајте се што е подобро, да се знае или да не се знае кои се родителите на Симон и Жан.  

            Режисерот е познат по тоа што свесно ги става неговите ликови во филмови со свет во кој конфликтните настани одземаат многу невини животи и тие настани влијаат врз судбината на неговите главни ликови. Таков беше случајот со масакрот во Монтреал во „Polytechnique“ и таква е сообраќајката од „Un 32 août sur Terre“. Ако веќе бараме пандан на режисерот тогаш дефинитивно Атом Егојан можеби е најблизок на неговата поетика.   

            Сегментот со потрагата по изгубеното дете во „Vinyan“ можам да го земам за споредба со овој филм, иако во „Vinyan“ станува збор за продирање во последиците на еден мрачен свет, а во овој филм Навал го искусува безредието директно на својата кожа.     

            „Изгорени“ е брилијантен филм, кој е одлично напишан, снимен и реализиран и не е никаква штета што не го освои Оскарот за неанглиско говорно подрачје за 2010 година. Уметноста не се мери со награди. Голема чест е да се биде рамо до рамо со маестралниот „Confessions“ или пак суровиот „Dogtooth“.   

Напишано од

Златко Ѓелески

Златко Ѓелески е автор на македонското хорор списание Кошмар, еден од водителите на радио емисијата Danse Macabe на Канал 103, ко-организатор на Мрак Фест. Тој е добар познавач на филмската, книжевната и музичката уметност и работи на промовирање на хорор културата во Македонија.

Нема коментари , биди прв што ќе искоментира.

Рецензии

13 Убијци (13 Assassins)

Ова е филм во кој се собира група на убијци кои сакаат да го убијат наследникот ...

Рација (The Raid)

Ова е филм во кој една полициска единица на специјалци врши упад во една зграда ...

Скопје ремикс (Skopje Remixed)...

Ова е филмски омнибус составен од девет кратки филмови на десет млади македонски...

Засолни се (Take Shelter)...

Ова е филм за семејството на Куртис Лафорк (Мајкл Шенон) кој има добар живот сé ...

Скриеното лице (La Cara Oculta...

Овој филм е составен од два посебни наративи кои меѓусебно ќе интерферираат кон ...


Коментари

Javorka Jovanova
Javorka Jovanova so justin timbelake i mila kunis
пред една недела види го коментарот
Javorka Jovanova
Javorka Jovanova kade moze da go izgledam cel film
пред една недела види го коментарот
Esad Jahovic
Esad Jahovic very very good....
пред една недела види го коментарот
Esad Jahovic
Esad Jahovic very good
пред 2 недели види го коментарот
Sase Gjorgieski
Sase Gjorgieski top film
пред 3 недели види го коментарот
Facebook Fan Page
ajax-loader
Ве молиме почекајте ...
Анонимна Најава
Изберете Име:
Изберете Аватар: